Мудроста на вековите
За таа тајна пишуваа со зборот богатите,
тие кои сензации креираа со бои,
оние грлати што раѓаа ноти,
знаејќи ја тајната на словото, боите и нотите
владееја со еден поинаков свет.
Чувајќи ја мудроста на вековите
владееја со тремот на животот,
каде се состануваа за бесценети збор два,
да удават мисли со скапо вино ил ефтин џин,
па да се вратат назад во куќата на животот.
Во едно мало, ситно и темно сопче,
младеж неброен вриеше од сила
небаре цела куќа ќе ја урне само со вик,
никој уште немаше верба во нив,
та затвор им беше собата бедна.
Верба не уживаа кај никој сè уште,
дека пијани од младост беа,
та ретко знаеа што зборуваат и чинат,
а затворот ги беше здивел очи да си вадат,
со вцрвенет поглед од солзи, светот да го мразат.
Во една друга пак, со светли бои бојадисана цела,
убав свет, млад и силен се беше збрал.
Кошули со мириси силни и со поглед - продор,
црвени фустани, занес носејќи над колена и понор,
оружје нивно беше со кое ветуваа борба до смрт
за еден ќош што нивен го викаа,
што розови бои беда му криеше вешто,
снеможени да го скријат блудот се спојуваа во ноќи влажни,
препишувајќи му на Бог се па дури и својот страв
и гревовите свои што срца им кинеа лажни.
Во трета пак се собрале голи и боси,
со раце, нозе и лица валкани од правта.
Нечистотија таква што на друго место око не здогледува.
Правот гнасен дури и во душите им беше легнал,
та затрупал се што можело да се затрупа во нив.
Немаа желба ни за правење гревови блудни,
сал се свиле пијани и гладни, од умор ослепени,
та не гледаа ни прав, ни беда.
И самите се заборавиле, а и светот цел,
чекаа чудо ил смрт, ново спасение.
На крајот еден балкон голем со килими меки,
посивени глави се грееа на последниот сончев зрак.
Здив излегуваше влажен под мустаќите седи,
небаре мудрост зборуваа вечна,
а тие само патење и болка кажуваа низ смев.
Ѕверејќи се низ прозорецот мал,
во собата светла и шарена цела,
полна со бедра широки и дојки виснати млади,
а до нив уште еден здив ама женски,
наместо љубов, тага по младоста повторуваше везден.
А во дворот широк, полн со љубов цел,
дрвјата цутеа со миризлив цвет.
Гранките ко кошница да плетеа едни со други,
деца безброј чуваа, растрчани во смеа и радост,
а птиците се радуваа со нив за таа полетна младост,
не сакајќи да ги пуштат во животниот трем,
дека знаеа каква мудрост таму ги чека,
порочни и блудни да станат им беше рано.
Му се радуваа на животот со искреност света,
одејќи се поблиску до куќата што еден излез има.
Comments
Post a Comment