Носталгија


Нечист и напуштен стар град,
од снегот личи ко стерилизиран.
Безумни празни лушпи и
ниеден доктор во време на чума.

Стапките на огромни волчји шепи
ми го покажуваат патот назад
кон огништето,
таму ни жарче, сал пепел и студ .

Оние кои беа тука - сеништа,
гувеат пред куќите без покрив.
Некои цели , некои заборавени,
Некои голи со покриени од косите гради.

Пак ти, Улисе, тргни да го бараш домот,
пак надевај се оти огнот гори и
оти со отворени нозе
таму таа те чека …

И сам знаеш оти тука ти застанал умот.
И тие сеништа секогаш назад ќе те вратат.
И те срби и боли одамна одсечената рака за да
бараш жив низ разрушена Итака.


Јан  2018

Comments