Око

 Око

Се беше заѕверило ко ѕвер

А само и кутро

Но со врат жилав и полн со крв

Небаре цела мудрост светска се собрала во него

Па му даде сила одлучна

Да пресудува молкум.


Се биеше за хоризонтот

Даваше напор вонземски

Стрелаше погледи се подалеку од ден на ден

Та светот го дозна и осозна и мислеше љубов е

Тресејки се од возбуда и страст младешка

Опиен од крвта мислејки вино е.


Планините ширеа бедра

Дрвјата вееја кадрици црни

Ветрот ги разбуди пупките пролетни

Да го видат сите чудото што радост носи

Да ја посее смеата низ полињата суви

Низ река да дотече плодот на новиот свет.


Зеница му расцепи чело на средина

Потече низ црн вртлог врела белина

Но, не беше вруток па потона в земи.

Писна светот во очај и беда

Лиснаа солзи, потече река

Се напоија полиња, планини и дрвја.


Белина му секна и пресуши

Ја снема зеницата црна

Црнина остана, дупка длабока

И рожница се исуши и прав се стори

Та ветрецот дувна и низ светот го разнесе

А тој низ тивка смеа го чекаше другото око.





Comments