Ја обвил питонот околу краците нежни
Ѝ врзал нозе со опашот студен
Застрелал поглед во очи нејни
И низ заби запиштил бесно:
“Моја си! На светот нема, не постои
Посовршен одговор на прашањето мое
Поточни обувки за нозеве страдни
Ти жолта, јас пожолт
Па да градиме свет во жолти нијанси.”
“Лажеш, невистини збори јазикот твој долг!
Само кобиш за привиди разни
Што само твоите очи навидум
Тие промискуитети лажни
Ти копаат бунар без вода
Што душевен твој ќе биде гроб.
Ти прашање немаше ниедно
Туку само твој сакаш да бидам роб
Да и служам на желбите твои бедни
Да бидеш мој демон и бог.
А обувки нема да бидам ничии
За гревови туѓи да газат по мене
Оти се плашат земјата да ја стапнат
За да не им врати со вечен студ.
Знам, најсилен е стравот од самиот себе.
Тебе демоните не ти дале нозе
Те оставиле да ја влечеш
Земјината прав низ векот твој грозен
Па од студот нејзин ти смрзнало
И срцето бедно, не, не сум јас
Твое исконско седло, твој спас.
Не избрав јас на небо да се родам
И тука лебдејќи векот да го поминам.
Не избрав да имам краци остри
Што ти сега си ги склештил во мрак.
Моето жолтило свети и ден и ноќ
А твоето буди само пакост и страв
Но ќе се раѓа одново и пак
На ноќта ќе и се придружи со
Месечевиот зрак, а кога денот ќе дојде
На сонцето ќе му следи траг
И пркос и љубов ќе биде
И во најмалото село
И во најголемиот град.”
Comments
Post a Comment