Погледни ме ти драга,
зошто јас не можам.
Очите не го гледаат светот,
слепило ми го обои животот за на век.
Но душата и срцето ти ги гледам,
а тие треперат, иако ти молчиш,
кога со прсти усните ти ги допирам,
тие горко те издаваат
за желбата вонземска да заиграш со мене.
Стравот ти се всадил ли в коски?
Па те тера да трепериш така брливо?
Од нервозно плеткање на прстите твои
во косите миризливи ли е тој звук?
Или од срамот? Што како облак виснал,
за светот што ќе остане во чудење.
Зошто таква убавина
во животот видена да не биде?
Тие очи имаат, драга,
но, сивило наместо светлина ги свиткало ко прачки.
Јас очи имам небесно сини,
некаде далеку заѕверени, ќе речат,
што во срцата им гледаат
а, само кај тебе видоа вечност.
Зеде воздух длабоко и силно,
па му пружи раце тенки и милни,
заплетка нозе ко змија околу гранка,
се предаде на слепилото
да ја учи да го игра танцот на животот.
Удри слепиот со нозете в земја,
силно, ко што само тој знаеше,
па заигра танц во темнината своја,
што сонце ја огреа бар за миг.
Играше како да совршено гледа,
со сигурност непобедлива,
газејќи ја цврсто земјата
таа леташе повисоко и од птиците,
оставајќи го светот што гледа во неверување,
дека и во темнина се танцува,
а патот постои за да биде најден.
Comments
Post a Comment