Беше клекнат на колена
И така свиткан во грбот
Ребрата му се броеа.
Бразди длабоки му го красеа
Ладниот и блед лик
Под жешкото сонце
Кое со љубов го стопли
Но и кожата му ја гореше.
А од челото ни капка пот.
Леден и скаменет беше
Со глава наведната
Од чиј нос бликаше крв
Со која истекуваше
И онаа младешка лудост.
Секнувајќи, крвта му даде
Знак дека е време за нова цигара
Па со секој здив
Сив и густ чад испушташе
Низ уста и низ нос
А мислите се капеа во него
Засирувајќи ги црвените крвави дамки
Па и чадот кревајќи се во густа магла
Што од сивилото поцрнуваше
Мислите црни гаврани раѓаа
Што му летаа над темето
Гракајќи, чекајќи
Да ги храни, да ги љуби.
Како последни сили да смогна
Па се исправи и наеднаш
Фрлајќи го отпушокот
Кој што ги претвори
Тие црни птици во прав.
Се исправи и зачекори цврсто
Без срам од голата кожа
Која висеше
На острите коски на колковите
Но не за долго.
Не траеше многу
Од тие нозе што
Се потешки стануваа
Па и со чекор му забавуваа
Па дури коцки бетон не се сторија.
Запре. Немаше сила да ги крене
Па полека и градите почнаа
Да скаменуваат, а под каменот
Срцето тешко чукаше
Ги рашири рацете
Како да бара спас
А тие само во суви гранки
Се претворија од кои
Лисја есенски се роеа.
Браздите на лицето не беа
Од умор веќе, туку злобен
Гласник на староста беа
Косите побелеа и паѓаа
Заедно со жолтите лисја
Па наеднаш жолтило
Животот му го обои
Со Маркесова смрт зад
Петиците во бетон заѕидани.
Сонцето зајдуваше
Немаше што кожата остарена
Да ја гори веќе
Па студот сега зеде
Коските да му ги мрзне.
И мракот се беше навјасал
А него само умот му остана
Што топли мисли почна да раѓа
Како последен пркос на студот
Та само соништата му останаа
Зошто при мрак најдобро се сонува.
Comments
Post a Comment