Неповторлив неповрат


Неповрат сонил духот неповторлив!

Силата младешка бликнала од камен до бескрај

Та го освоила, чиниш, небаре светот цел

Но немал иста судба ко децата од новиот град

Како исто сонце да не ги греело во животот прекраток

Како маглата да не им го мати погледот исто

Како да не им е и нив страв од мракот вечен

Како да не им е и нив срам од истата љубов и лудост

Како да не хранеле очи од едно исто деколте

Како да не цицале од цицка белини и врелини

Како да не дишеле пролетни трепети

Како да дишеле но, заборавиле.


Неповрат сонил духот неповторлив!

Зборуваа ист јазик, што звучеше различно

Со секој нов сврзник

Што се повеќе му звучеше како ехо

На крилја од птица непозната за неговиот свет

Растел тој на буниште а не во контејнер

Мора да се различни

Низ мирис на мувла се кршела

Призмата на виножитото негово

Но тие забораваа дека за виножито треба сонце

Истото тоа нивно сонце

Забораваа тие на се освен на нив самите

Па му се смееа на руменилото што блескаше од него

Прашувајќи се меѓусебе, дали е тоа

Од срамот што никогаш не видел театарска бина

Или беше само вишок од цело здравје космичко

Што во него се беше збрало.


Неповрат сонил духот неповторлив!

“Зошто не си како нас?” - го прашуваа

“Зошто не ти се гади од мирисот на влажното сено?”

“Зошто по ѓаволите не се вртиш по сите тие бедра

Што булеварите ги прават да изгледаат како тесни сокаци?”

“Зошто?”

“Зошто не те опива мирисот на бетонот каде ние растевме?”


Неповрат сонил духот неповторлив!

Тие зборуваа за некои чудни луѓе што ликови урбани имале

Без руменила белким, без виножита по челата

Што зборуваа грлато и без трошка срам

Еден дури силен толку многу што ја тепаше и љубената.

Неговиот татко никогаш не ја тепаше мајка му

Иако раце му цутеа од грубост и сила.

Зборуваше тивко и кога беше пијан.


Неповрат сонил духот неповторлив!

Зборуваа и за семејства богати

Што можеа и љубов да купат

Зборуваа за семејства моќни

Што можеа и црното бело да го сторат

Зборуваа за луѓе што наследиле се

А дале само тоа што им чини ништо

Зборуваа за луѓе што наследиле да бидат доктори

Други политичари, а трети поети

Зборуваа за луѓе толку несреќни

Што не можеа ниту да бираат што ќе бидат

Ниту да се скријат од светот, ниту за еден момент

Ниту да бираат на која постела ќе плачат.


Неповрат сонил духот неповторлив!

Тој не беше како децата од новиот град

Зборуваа на ист јазик со сврзници различни

Зборуваа за љубов што тој не можеше да ја купи

Како да не дишеа пролетни трепети

Како исто сонце да не ги грееше.





Comments