Ко да не уби дремеж еден живот цел
Ни скамени срца, ни натовари бреме
Ни дозволи да дишеме во грев.
Ко што ни пренесле и ние ќе пренесеме
Ветви мисли и бес
А радости ќе ‘ртат на дел
Една за мажи, друга за жени
Тагата ќе биде со различна цел
Небаре различен е нашиот смев
Како плачот со различни букви да е пишуван
Како од иста утроба да не сме излегле
Како да не знаеме дека умот
Ќе ни биде вечен затвор
И пекол врел.
*** II ***
Едно утро ќе се разбудиме
Внатрешното око ќе црта
Поинаква слика за нас
Во огледало друг човек ќе гледаме
Па ќе страдаме од промените
И ќе се радуваме на разликите
Ќе бликне нова сончевина чиста
Што нова соба сме отклучиле
Во старата куќа иста.
Ќе крцка подот стар под нозете тешки
Од сите планини искачени
Ќе чекориме со страв
Да не скршиме некоја греда стара
Ил нозеве некоја дупка
Во подот стар ќе бараат
Да застанат, да не ги мачиме веќе.
Ќе боли и ќе пече
Кога правта ќе ја бришеме
Од старите книги
Нови зборови од страниците жолти
Ќе се раѓаат, ќе светат
Со нови бои, во стари нијанси
Други пак таа вековна прашина
Во понор и заборав ќе ги влече.
*** III ***
Ќе му се радуваме
На вечниот оган
Ќе топлиме раце и нозе
На таа топлина вечна
Ќе црпиме живот
Ќе земаме нова сила
Мразот што наоколу
Тој го топи секој ден
Мелем ќе ни биде
За душите страдни
Но ќе жалиме ли везден
Што не ќе можеме
Да го прегрнеме силно?
Вечен сопатник да ни биде
До заборав дури
Да се изгубиме во милост.
Оти ќе не изгори
И пепел ќе не стори
Оти ќе не уништи за навек
Ќе ни ги пресуши сите мориња
И ќе пеплоса планини и гори.
Зошто не е за гушкање
Не е за околу него
Рацете да се спојат во заборав
Туку она што прави десната
Да го следи и левата
Тоа што го мисли умот
Да го чувствува и срцето.
*** IV ***
Како небото ноќва
Да го потроши трпението
И сета милост насобрана
Низ вековите што протекле
Толку набрзина, безмилосно
Како да му прекипе од
Тој вечен повторувачки вртлог
На земјата, што роди
Толку убави нешта
Па и толку човечки души
Како да се измори
Од нашиот џагор.
Како да спрема казна
За сите нас грешни
Па ги изгасна сите ѕвезди
Со само еден здив, магичен
Топол, продорен и силен
Што за миг ќе се всади
Во нас, па дури коските
Ќе ни ги стресе
Но, не од љубов
Не од топлина
Туку од страв.
Со само еден магичен здив
Со само едно смешно ветре
Ќе го потсети овој род
Дека стана ништожен
Дека стана беден
Дека очите не ни светат
Од љубов и страсти
Туку од некои таму
Лажни дијаманти и злато
Што никогаш не било наше
Ќе не потсети дека
Многу слушнавме
А ништо не научивме
Ќе ни каже дека многу брзаме
Во сѐ
Во спиењето
Во јадењето
Во живеењето
Во работењето
Во љубењето.
Со само еден мал врисок
Ќе не потсети дека
Веќе не знаеме што сакаме
Дека ние го создаваме
Овој хаос земски што
Го продаваме наоколу како љубов.
Ќе не праша така на брзина
Каде брзаме
И кој не чека таму?
Ќе не потсети да запееме
Да дишат гради во празнотија
Ќе ни го врати стихот назад
Полн со рима и мелодија.
*** V ***
И се ќе дојде за миг
Оти ние така сакавме
И се ќе трае само миг
Зошто се што брзо доаѓа
Брзо и си оди, брзо умира
И се ќе си отиде за миг
Оти брзавме, оти не живеевме.
Па и сивилото во косите
Ќе дојде на брзина
Ќе се всади така тивко
Зошто живеевме само миг.
Comments
Post a Comment