Бегство низ дремеж


Зора одвај зазорува скаменета

И мирис на студенило полни гради

Толку магичен, чиниш стаклена прекривка од спокој

Фрлил на паркот без деца

Низ чии чемпреси само две ластовици

Ја бркаат сопствената чест

И имаат сила да покажат немир и бес.

И нив времето да заминат им дојде.

Само тој седнат и заѕверен некаде далеку

Како да таа мала шума пред него

Е поле ширно или брегот

На море бесконечно

Што хоризонтот го јаде зад снегот.

Како очите иње да фатиле

А не камениот ѕид зад него

Залепен со лактот на дрвената маса

Низ густите мустаќи

Сомнеж испушташе густ

Чад од лошиот тутун

Или топол здив само

Што инает му тераше на студот пуст.

Тој мирис ко винжито го кршеше

Реа од тесногрлато чоканче

Наместо свежо-мелено топло кафе

Чиниш крвта му смрзнала на бледиот лик

Мирно и тивко

Нов здив.

Леташе со крилја орлови

Под тоа небо утринско

И над морето бесконечно

Страв немајќи од снегот што хоризонти јаде

Како да знаеше дека е недостиг

Холограм недостижен

Како лажни љубови

Како љубов и живот помеѓу смрт.

Низ чудни некои виори

Низ нови некои ветрови

Што носеа бои на петунија

Што сонце само сака

На залезот на летните дни

Но без полен, само сенка

Само трага.

Го смири и морето диво

А воздухот низ чашката не ширеше веќе студ

Низ аура од златни облаци

Зборот се движеше лесно

Продирајќи погледот низ густите крошни

Земјата ја имаше освоено со блуд

Само оганот што гореше в гради

Го носеше некаде далеку со себе

Да не запали нова свеќа

Бедеми да крене во некој нов круг.


 

Comments