Огледала


Ми зборуваше огледалото денес

Пукаше од бес за сите неправди што му биле сторени

Расфрлаше жал за тоа како животот бил макеа за него

Рече дека сонцето овде е толку силно

Што му го заслепува патот

Рече дека ќе оди таму далеку

Кај што ќе може да купи друго сонце.

Му стивна вената на вратот

Па заплака.


Ми зборуваше огледалото денес

Се кикотеше покажувајќи ја штрбата челуст

Од гризање камења и песок

Трескаше по масата и локаше од шише виски

Ми рече дека има сила да го сруши светот само ако сака

Ми рече дека зборувам глупости

Ми призна дека е многу тажно

Тонејќи во бескрај од срам.


Ми зборуваше огледалото денес

Ми соопшти дека сме сите мртвородени

Ми кажа дека ќе падне и најсилната влада во светот

Ми рече дека откако сме се сретнале не си го брка опашот веќе

Ми призна дека не ме разбира

Ми призна дека е исплашено.


Ми зборуваше огледалото денес

Се фалеше како слободно танцува низ животот

Ми рече

-Само ти ме разбираш!

Ми зборуваше за својот животен сопатник

Самотијата.


Ми зборуваше огледалото денес

Рече дека небото ќе му даде сè

Затворено во четири ѕида

Стоејќи во место

Го немаше видено небото никогаш.


Ми зборуваше огледалото денес

Години се немавме видено.



Comments