Сивиот ветар доаѓа,
изненадно, како лош знак,
како гласник на темнината.
Сивиот ветар доаѓа,
го пара врелиот воздух,
цел град потчинува.
Сивиот ветар беснее,
го трга талогот прашина,
старите рани ги отвора.
Сивиот ветар беснее,
донесува бука и тресок,
дрвја на мирот откорнува.
Сивиот ветар зборува,
лоши спомени воскреснува,
детски соништа уништува.
Сивиот ветар зборува,
немир и бес разбудува,
со нож и оган се заканува.
Сивиот ветар разорува,
во сите пори навлегува,
ги отапува сите сетила.
Сивиот ветар разорува,
остава празни улици,
цели места збришува.
Сивиот ветар бранува,
носи во немирни води,
бродови силни потопува.
Сивиот ветар бранува,
далеку од домот некаде,
низ стрмни карпи се пробива.
Сивиот ветар убива,
се‘ добро и лошо брише,
па безгласно заминува.
Сивиот ветар убива,
и веќе ништо не е исто,
нов лик и маска добива.
Comments
Post a Comment