Час по анатомија

 
Додека мајсторите се мачат да
покријат крвавите траги
и капките катран ...
Да ги обелат ѕидовите
на мојот храм и затвор
да пак да си одговара
со облаците во кои виси.
И пак да пеат соколите
околу него секое утро
.
Јас – осуденикот и свештеникот,  
на терасата се закопувам во стихови.
Да сетам пак како пред
мене други восфал пееле,
или служеле казна.
На онаа најголемата вера и зол чин.
Таму под мене почнува
да бруе и брмчи кошницава
која некои ја викаат град.
Се будат верниците и осудениците.
Тргнуваат да се клањаат или ослободат
по патеки тесни вијугави и стрмни.
И тој е и мојот терет,
и јас како сите пред мене.
Се трудам да разберам повеќе за
двојноста на божеството кое сите не движи.
Кое не прави луѓе , затвореници, верници,
та да ја викаме
некои слобода
а други да ја сметат за најлоша казна.
Но во искреност да се каже
таа е божица на нашето време и свет.
Мајката на сета убавина и сета тага,
пресветата сила која од нас прави богови или робови.
И нејзините имиња и форми се многу,
Самотија и Осаменост и Самодоволие и
Изолација и Егоизам и Пустиништво
и Нарцизам и Монаштво некогаш и Лудило.
Во зависност дали ја гледаш како вера, слобода или казна.
И сепак моќна движечка сила зад
секоја мислена и немислена
донесена, не донесена или присилена наша одлука. 







Comments