Зборови

Фрли зборови кон мене

Но не очекувај филигрански вез

Ќе наидеш на хаос и чекање

Раце кои кинат купишта стуткани листови

Разлеано мастило и разбегани отпечатоци

Немирен трепет среде полутемна одаја

 

Подај ми чувства на послужавник

Ќе забележиш како очиве зјаат во нив со недоверба

Со прсти да ги допрам не можам

Се пролизгуваат низ нив, со чувства разговор не се води

Кажуваат ли вистини или фрлаат само лажни калеидоскопски бои?

Кога некаде болело во сите годишни времиња

И мелемот мириса на сомнежи

 

Раскажи ми убавини во кои се одреков да верувам

Скаменета душа дали може да се стопли?

Блеснува од далечина како сонце зрак низ овој превез

Ме заслепува, ќе издржам ли без да ги затворам очите?

На пожолтениот ѕид шара сенки, приказна испишува

Сонце, не заоѓај пребргу, остави ме барем до крај да ја дочитам...




Comments