И низ ѕвездено небо да летаат мислите
Ќе паднат како јато чавки спремни да го ограбат полето со пченки
И очите да гледаат чисто и ширно небо до запирање на здивот
Мислите пак ќе летнат кај здивените облаци
За да ги прегрнат громовите што и каменот го прават пепел.
Светот стана гробишта на алегории.
Стихот повеќе не освежува како ладна вода низ жедно грло
Не контемплира со реката на емоциите
Не буди електрицитет низ чии нишки се раѓаат идеи
За некоја нова умствена револуција.
И пресните и бајати битија се дават
Во вртлог од бес, срам и тага
Низ хартиени маски и хормонска миризба
Хипокризија и вечна потрага по непостоечка слобода
Мисконцепција за основното човеково битисување.
Светот стана гробишта на алегории.
Животот станува наука
Кога и вербата ја бодеме со шестар
Расчленувајќи ја душата на мали компактни сопчиња
Со ѕидови помеѓу
За полесно да се скриеме од себе.
Ќе ја закопаме и последната алегорија
Сарказамот ќе фрла земја врз мртвото тело
За хиперболата да го положи последниот букет цвеќе.
Comments
Post a Comment