Свеќа

 

Поминаа деновите кога нозете ми беа корења

А рацете диви костени што ширеа сенка.

Главата постојано се вртеше лево и десно

Никако да пушти поглед право.

Поминаа годините кога тишината и пречеше на ушите.

Летајќи како орел, гладен, не бирајќи

Што ќе распарчи со клунот

Јагне или змија

Долетав над плоштадот облеан во крв

За да се спуштам на плочникот што тонеше

Во бунарот полн со очај и тага

Во човечки брзаци и лага

А често и во оган.

Таму каде вековната река одоколу

Го чистеше гамадот безмилосно штом ќе се насобере.

Само огнот го носам со себе уште

Носејќи го повремено кај дивите костени што ги засадив 

Во спокојот за сонцето да не го изгори.

Го чувам во себе за да не го запали мирот

Повремено од него палејќи свеќа.




Comments