I
Неколку муви де се гонат,
де застануваат околу единствена виљушка
и три дена стара и изедена конзерва
мексичка салата.
Мравите одамна дошле
ги собрале ронките
и заминале.
Сега само пладневното сонце
и мувите се гостат околу одамна изедениот
единствен за тој ден оброк.
Така изгледа депресијата.
II
Со рам наполнета пепељара.
неколку недели неизмиена шоља од кафе.
Пепел по масичката, а
во фотељата крај неа издлабена силуета на тело.
- чорапи по подот до неа.
Пајажини во секој ќош
и прст прашина на секоја нередовно
користена површина.
Така изгледа самотијата.
III
Златно преминува во сино , па во сиво
за од горе да накалапено пак златно
и сино.
Плажа како пустина , се прелева кон
зелено - сино езеро кое се тегне до сиво црни планини
над кои заоѓа некоја си фузиска топка од водород и хелиум
чија светлинска рефракција прави сино небо,
скончувајки еден исполнет ден со блиски.
Така изгледа радоста.
IV
Брзо напишан стих за магнолија,
и конечноста на се,
инспириран од слика видена на мал екран.
Страмежливи и најчесто неуспешни
обиди за размена на мисли и чувства
преку истиот тој екран
додека целото тело бара да можеш
да посегнеш низ него и да го допреш
она кое е на другата страна.
Забледени сеќавања од едни премили очи.
Така изгледа да ти недостига сакан човек.
V
Кафеави шишиња , полу испиена чаша
осамотена табакера врз дрвена маса.
Од околу низ сенките, празни коњопоји и
расцутени сардели карши слики
од одамна заборавени пејачи и монаси и викинзи.
Тишина разбиена од лесна музика
и повик за уште едно кафеаво шише.
Древни симболи од заборавени народи
виткани во метал прилепени над шанк…
Така изгледа болката.
Comments
Post a Comment