Бои (татко)

 

Неговата градина беше густа и неискосена

Полна со папрати виолетови и жолти

Густи и непроодни

Каде дрвјата лачеа смола црвена како крв

Та сонцето едвај пробиваше тенок зрак

Оној зрак што те буди во раното мамурно утро.

Доволно е само око да отвориш

За да не можеш да заспиеш пак

И низ главоболка да го поминеш остатокот од денот.

Неговите очи беа весели како на новороденче

Но браздите на лицето му ги броеа вековите

Една црна, друга сина

Трета пак црна од годините што минале во вина

За покривот што тече кога порој ќе фати

И прозорците стари што треперат на ветрот

Скаменувајќи и мрзнејќи ги ѕидовите стари.

Прстите му беа дебели и груби

Од вадење на зелени корења во дворот

Од некои древни овошки што никогаш не родиле плод

Но, ги копаа темелите на домот.

А кога небото ќе почнеше да се бои со сива темпера

Ќе излезеше покрај оградата бела

Молејќи го да пушти студен и стаклен дожд

Па да ги намокри ќерамидите бледи и стари

Да им ја врати бојата што тој никогаш не ја видел

А него да го наврне со безбојност

За да ги скрие солзите во мракот.




Comments