Бидуваш сенка што се губи во ноќта
Истекуваш како подземен поток
Само жуборот ти се слуша.
Надвор е мирно, тишина надвиснала над градот
Душата ти се полни со тивок плач
Го нема ветрот да ти ги пржи очите
Но, нема кој ни небото тмурно да го исчисти
А не ти будат радост светлата во градот
Главата само нагоре пушта поглед
Барајќи ги ѕвездите.
Велиш - Само таа светлина е вистинска
И тие неколку што ги мамат погледите
И тие неколку што не му даваат на небото
Да го скрие гревот што корења пуштил во градот
Далечни толку многу што само црната ноќ
Со злобен кикот ги остава да блескаат
За да не те мами вечно светлоста на денот.
Велиш - Остави ме… јас сум тажен човек.
Сфаќам низ годините што се нижат како цреши
Зошто луѓето сакаат да ја преспијат ноќта
Иако е таа половина живот…
Остави ме…
А тагата надвиснува кога војската
И сите твои херои
Ги фрлаат мечот и штитот.
А добро знаеш дека сам не се војува.
Натежнува тагата од сите страни
Кога сите цареви и султани ги затвараат вратите
Кога сето зло на светот што се всадило во тебе
Преку надеж и очекување
Ќе те фрлат на колена шептејќи ти во уво
“Требаше да му се предадеш на животот одамна
Пред да станат пепел и прав ѕидините на тврдината твоја.”
Тажни се и ѕвездите.
Ја собрале цела тага во нив.
Знаеш дека се големи и те мами блудната им светлост
Но, толку се далечни и ситни, а ноќта
Оставила само неколку од нив вечерва
Да сведочат за твојот пораз.
И пак тој беден кикот…
А тоа што свената душа не го сака
Ни очите немаат свест за да го гледаат
Дека една ѕвезда е доволна за сонце да ти биде
Која ноќта ја крие со векови
Но, треба да се разбудиш за да ја видиш.
Comments
Post a Comment