Неизбришано

 

Вооружени со метли

Чистачите го чистеа од улицата

Срцето од разнобојни цветови 

Што пијаниот сонувач 

Му го имаше подарено на светот

Пред само неколку часа 

Небаре неколку мигови

Или само на невозвратената љубов

Што дали од срам не излезе на прозор?


Но кога сите го пцуеа и кудеа

Тој нив им ги испрати бакнежите.

Мораа да излезат од него.


Оди си глупаку!

Остави не да спиеме!

Викаа некои на цел глас

Само зголемувајќи ја бучавата.


Ечеше од сите страни.


Тој се тетеравеше лево и десно

Како единствен преживеан 

Од некоја тешка битка

Во која силите се нерамни 

И не може да се победи.


Лицето му беше озарено

Дали од чувството дека победил

Или се предал знаејќи 

Дека го допрел крајот на светот.

Солзите сами течеа од пировата насмевка

Што си ја имаше исцртано на лицето.


Други пак се кикотеа како да го виделе 

Најсмешниот комедијант

Оние што се уште сонот ги немаше покорено

Чекаа ваков момент за да заборават за миг

На својот урнисан живот.


Колку и да му давам љубов на светот 

Тој нема да ја разбере - Помисли

На крајот ќе се најде некој што е платен 

За да ја избрише таа љубов

Очиве ронат солзи чистејќи го бесот 

Што се беше насобрал

А лицето со насмевка ја пречекува 

Чистината што ме освои.


Само децата од улицата го гледаа збунето

Само тие си спомнуваа што видоа тоа утро

Не разбирајќи скоро ништо во мигот.


Но мислите како стари пожолтени листови хартија

Изникнаа од правта на животот после години поминати.

Толку треба за да се разберат работите 

Што ги нема во книгите.

И тогаш разбраа.


Бев дете и јас некогаш

А еден ден ќе сфатиш и ти.




Comments