Пирова победа

 

Се таложат како сталактити и сталагмити

Како зраци светлина што идат од исто јадро

А никогаш нема да се допрат.

Го надополнуваат ужасот во пештерата потоната во мрак

А само свеќа да запалиш ќе блеснат како дијаманти.

Магично блескаат тие неправилни форми

Ширејќи чудесно чувство како мракот да исчезнал цел.

Неправилни кругови фрлаат слика

На бедра широки што даваат род

А виснати како да се спремни да напојат со мајчин млеч

И тенки на крајот како младешки глужд

А помеѓу - мирисот на несфатеното чудо

Што денот го покрил со ткаенина и опој

А ноќта го шири како блуд и отров.

И мириса на пирова победа

Мириса на затвор

И толку живот дал колку што и убивал

Мириса на бесмртност, на радост и тага

И се буди како сеќавање на вечното повторување

Мириса на живот.




Comments