Тој сакаше да го споделиш светот
Но ти така скржаво го стискаше до градите
Толку неосетно силно на моменти
Што му го помодруваше небото оставајќи го без здив
А црвенило се разлеваше низ шумите
Штом стисокот малце ќе попуштеше носејќи свежина.
Сакаше да ти го покаже и неговиот свет
Но не знаеше дека поплочениот пат
Кој се пробиваше низ шарениот рај полн со цветови
Водеше до градските катакомби
Па мирисот од цветовите брзо се претвори во трулеж.
Како да баравте свет каде смртта не постои.
Сакавте само трулежот да не ви буди страв
Неговото постоење да не раѓа срам
Сега веќе посакувате
Да не ве замајуваше толку шаренилото
Што ви го потроши животот острејќи ве како молив
И секој ден кршејќи го графитот во вас.
Посакувате порано да научевте дека не постои еден свет
Дека секоја рожница си раѓа свет за себе
И го менува секогаш кога светлина ќе го обои денот.
Посакувате порано да ви паднеше месечината во прегратки
А понекогаш на време да се скриевте од пладневното летно сонце.
Посакувате да знаевте дека не постои апсолутна вистина.
Comments
Post a Comment