Битисување

Клето...

Секогаш се прикрадуваш ноќе, молчешкум

Поставуваш илјадници прашања на кои немам одговор

Ми го збеснуваш умот 

Ми го тормозиш срцето

Ми боцкаш во љубовта...

Не гибај ми ја!


Ги извлекуваш најтешките дилеми

И од нив приредуваш целовечерна монодрама

Врескаш низ черепов, чиниш е твоја мала сцена

Прашуваш за него ...

Не ставај го тоа име во твојата валкана уста, изгуби се!


Провлекуваш игли онаму каде најмногу ме боли 

Ја преувеличуваш недопирливоста на изгрејсонцето

И' даваш лик на чудовиште 

Ме плашиш дека не ќе издржам и неговата челуст ќе ме сомеле

Та најубавиот свет неизбежно ќе згасне... заедно со мене...

Остави ме!


Ме влечеш на сите страни, ме раскина твојата јарост одвнатре 

Како ќе ги сошијам сите парчиња сега во цело... повторно?

Удираш по мене, како да сум ти душман

Само сакав малку среќа

Малку топлина и сонце

Малку спокој, само малку спокој...

Зарем не венеев доволно?


Ме оставаш преморена и во болка, со раце полни вина

Тешка како олово

Како да ги разжалостам оние кои најмногу ги љубам?

А ти црнино, избор не ми оставаш

Во синџири ме опаша и гласот ми го зеде

В недојдија ничкосај се!


Остави ме со себе, наземи да се исплачам

Да ги соберам распарталениве мисли 

Од нив одново смисол да сочинам 

Да раширам топла прегратка кон сонцето

Да ме огрее по лицево

Бледо и премрзнато

Да го присоберам срценцево растреперено

По не знам кој пат да му ветам дека можеме

Да вдишам и издишам

Да продолжам ...







Comments