Будење на Трпеливоста

 

Ја будеше Трпеливоста

Со ѕвонци и клопотарци,

Со викотници што ги кршеа

Тенките кристални чаши

Со истурено вино 

Што стоеа на масата со денови,

Што смрдеа ширеа 

Небаре смртта дошла на гости.

Ја будеше со сите пцости што 

Човечкиот ум може да ги смисли.

Ја будеше со плач и волчји виеж,

Со злобен кикот, низ солзи што од бес

Само му ги полнеа очите

Но, никако да потечат.

Мислеше дека ќе ја разбуди

Таа вечер кога со силен тресок

Ја затвори вратата и замина.

Но, таа утрото се разбуди 

Во прегратките на Лукавиот.




Comments