Во ноќта

 
Тело в место заробено...
Се скаменило и одбива верност.
Не сака да се помести, да прошета некаде,
да се извлече одовде...
Да талка и лута додека не се умори
до првиот поздрав на новата зора.

Очи попусто отворени...
Залудно бараат логична форма
во црнило што мракот го распослал.
А тој ко да менува облик по волја...
Час е другарски настроен гласник,
час демон што со зло се заканува.

Никаде ни звук...
Ниту шум да ја пробие тишината.
Нема збор што ќе даде утеха,
ни ветување што ќе всади доверба,
ниту глас што ќе се потсмее на оваа иронија.
Дури и крикот застанал в грло...

Само умот во немирен вртлог
упорно пробува да разбере...
Дал’ ова е порака за заговор престар,
ил’ ноќта ко патоказ покажува правец?
Последна ли е најава за пресудна битка,
со повик за бегство од кафезот сопствен...
 



Comments