Се прашав дали светот го гледа истото лице
што збунето ни се смешка од огледалото...
И дали останал бар еден наш траг
на местата што толку ни значат...
Вреди ли нашиот светоглед повеќе од оној
на тие од онаа страна на оградата...
И дали оние што заминаа далеку
навистина го најдоа изворот на среќа...
Ги паметиме ли заедничките спомени
сите на ист начин...
Ако ги избркаме сенките од минатото
ќе исчезнат ли со нив и добрите духови...
Зошто страв од чекорот напред,
кога знам дека секој пат води некаде...
Потребна ли е драконска сила да се избега
од топлата прегратка на комфорот...
Помина ли најсреќниот можен момент
кон кој водеа сите напори и стремежи...
Ил’ стрпливо чека да се случи
во аголот на некое идно време...
Comments
Post a Comment