Соништа во темнина

Влегов во одамна заклучена остава.

Скриена од мисли, спомени и страв,

на заб на време оставена.

 

Ме пречека стар застојан мирис,

отпорен на време, тежок и загушлив.

Го распори грлото, го одзеде здивот.

 

Се трудев да дишам со гради усвитени,

се тетеравев без смисол и цел.

Триев очи да го пробијам мракот...

 

На ѕидови стари закачени слики

во темнина црна ко сеништа демнат.

Пред уморен поглед контури се створија...

 

Се видов јас - среќен и насмеан,

јас - убав и исполнет,

јас - спремен и сигурен...

 

Гледав заглавен во еден момент.

А тешкиот воздух дел од мене стана,

и навика стара по тело се разлеа...

 

Зар бев јас некогаш надвор?

Зар одамна не останав заклучен тука,

осамен, осуден, заборавен...?

 

А може тука припаѓам, пролета мисла...

Да ткаам соништа во темнина слепа,

да станам суштество на тунелот црн.

 

Во миг светна камшик на разум,

па желба за бегство се појави в гради.

Низ мракот јурнав да пробијам пат...

 

Здогледав точка - мала но светла

и газев кон неа дишејќи пламен...

А раце на мракот ме влечеа назад.

 

Трчав без престан, без поглед кон назад

со спружени раце кон излезот мал.

Во очај кон светлост, од црнило спас...

 

Повлеков со мене соништа грст.

Во мрак да не овенат и избледат,

некои нови слики да исцртаат...

 



Comments