Застанат во аголот,
во најтемната точка на овој простор,
како и порано, отсекогаш,
го гледам светот пред мене.
Од место на кое гледам се’
а скоро никој не може да ме види,
сам и скриен зад имагинарен ѕид
љубопитно редам мисли.
Ги гледам сите мали радости,
лути погледи, измачени стравови...
Слушам изрази, фрази, совети
и нечии поминати приказни.
Се прашувам дали можеби
ги научив сите лица и трикови,
или од аголот видов само дел
од вешто насликани фасади?
И ми треба миг да се сетам
дека ова не се слики на екран.
Дека од сево ова сум дел и јас
и можам да истапам кога сакам.
Чекор ил два е се’ што треба
да тргнам, да се приближам.
Да бидам виден и слушнат
со сите мои доблести и мани.
Дали некој ќе гледа со осуда?
Или почитта ќе стигне прва?
Или за миг секој ќе сврти поглед
кон нешто друго покрај себе?
Застанат во аголот,
невидлив по свој избор,
безбеден во кршлив комфор
го гледам светот пред мене.

Comments
Post a Comment